еРајдери - Македонија

петок, февруари 16, 2007

Општина Македонска Каменица мигрираше на Опен Офис

Како резултат на обуката за канцеларискиот пакет Опен Офис што ја спроведоа Фондацијата Метаморфозис и Проектот за успешна децентрализација на УСАИД наменета за вработените во единиците на локалната самоуправа во Македонија, општината Македонска Каменица започна со активно користење на Опен Офис на сите компјутери во општината.

- Откако дел од вработените во општината Македонска Каменица ја поминаа обуката за канцеларискиот пакет Опен Офис, тие самите побараа на нивните компјутери да биде инсталиран Опен Офис на македонски јазик. Сега на сите компјутери е инсталиран Опен Офис, вработените веќе ја совладаа програмата и им е полесно за работа бидејќи софтверот е на македонски јазик – изјави Перо Митревски, градоначалник на општина Македонска Каменица.

Општина Македонска Каменица е мала општина во која има 11 персонални компјутери и 1 сервер. Во општината е вработено лице кое се грижи за работата на компјутерите, нивно одржување и инсталација на програми.

Истражувањето кое го спроведе Метаморфозис во мај 2006 година покажа дека слободниот софтвер е добро решение за македонските општини поради нивниот ограничен или непостоечки буџет за набавка на софтверски лиценци.

[извор: Фондација Метаморфозис]

вторник, февруари 13, 2007

Конкурс за отворање дигитални клубови (е-точки)

Во склоп на програмата за е-Инклузивност на фондацијата Метаморфозис која го спроведува проектот „Дигитални клубови“ во чии рамки веќе се отворени 12 дигитални клубови на територијата на Република Македонија се објавува јавен конкурс за „Отворање на дигитални клубови (е-точки) со најмногу по 6 компјутери“.

Информации за конкурсот, целите на проектот и постапката за конкурирање се објавени на сајтот на фондацијата Метаморфозис. Повеќе информации можете да најдете [тука]

Краен рок за пријавување: 5 март 2007 год. 17 часот

понеделник, февруари 05, 2007

74 вработени од 22 општини во Македонија обучени за работа со Опен Офис

74 вработени од 22 општини во Македонија беа обучени за работа со канцеларискиот пакет Опен Офис преку обуката што ја подготвија Фондацијата Метаморфозис и Проектот за успешна децентрализација на УСАИД. Обуката се одржа во хотелот „Ривиера“ во Охрид, во периодот од 15 до 20 јануари 2007 година.

Карактеристично за учесниците беше тоа што тие беа од претежно мали општини, без вработено стручно лице надлежно за информатички технологии (системски администратор). Учесниците кои присуствуваа на обуката се вработени во одделенијата за даноци, финансии, одделението за локален економски развој како и советници во општината.

Целосното соопштение можете да го прочитате на сајтот на Метаморфозис.

четврток, февруари 01, 2007

Работилници за слободен софтвер во Македонија

Во рамките на проектот на УНДП „Поддршка на иницијативите за е-управување на локално ниво базирани на слободен софтвер (ФОСС)“, од 19-23 февруари 2007 ќе се одржат работилници/семинари за слободен софтвер во следните општини:

  • Прилеп – 19 февруари 2007 г.
  • Штип – 20 февруари 2007 г.
  • Карпош – 21 февруари 2007 г.
  • Тетово – 22 февруари 2007 г.
  • Струга – 23 февруари 2007 г.

Во реализацијата на овие активности покрај УНДП учество ќе земат: ЗЕЛС и општините Прилеп, Штип, Карпош, Тетово и Струга, Слободен софтвер Македонија, Метаморфозис и МЕСА-Македонската асоцијација за е-општество и нејзините членки - Фондациите за развој на ИТ во овие општини.

Пријавување на работилниците на следниот линк www.foss.undp.org.mk.


 
Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution-NoDerivs 2.5 License.