еРајдери - Македонија

петок, февруари 16, 2007

Општина Македонска Каменица мигрираше на Опен Офис

Како резултат на обуката за канцеларискиот пакет Опен Офис што ја спроведоа Фондацијата Метаморфозис и Проектот за успешна децентрализација на УСАИД наменета за вработените во единиците на локалната самоуправа во Македонија, општината Македонска Каменица започна со активно користење на Опен Офис на сите компјутери во општината.

- Откако дел од вработените во општината Македонска Каменица ја поминаа обуката за канцеларискиот пакет Опен Офис, тие самите побараа на нивните компјутери да биде инсталиран Опен Офис на македонски јазик. Сега на сите компјутери е инсталиран Опен Офис, вработените веќе ја совладаа програмата и им е полесно за работа бидејќи софтверот е на македонски јазик – изјави Перо Митревски, градоначалник на општина Македонска Каменица.

Општина Македонска Каменица е мала општина во која има 11 персонални компјутери и 1 сервер. Во општината е вработено лице кое се грижи за работата на компјутерите, нивно одржување и инсталација на програми.

Истражувањето кое го спроведе Метаморфозис во мај 2006 година покажа дека слободниот софтвер е добро решение за македонските општини поради нивниот ограничен или непостоечки буџет за набавка на софтверски лиценци.

[извор: Фондација Метаморфозис]


 
Creative Commons License
This work is licensed under a Creative Commons Attribution-NoDerivs 2.5 License.